ТИМ НА ЉУБЕЗНОСТ

Огромен е бројот на лица кои што низ годините на еден или на друг начин биле дел од Љубезност. Секој еден од нив со своето несебично и пожртвувано учество, оставил трага во Љубезност, придонесувајќи да се направи позитивна промена во животите на нашите сограѓани на кои им е неопходна помош. Во продолжение следува тимот од луѓе кои моментално се директно ангажирани во секојдневните активности на Љубезност. Мора да се напомене дека најголем дел од активностите на Љубезност не би можеле да бидат остварени без редовното или повремено ангажирање на голем број волонтери кои несебично се даваат себеси. Иако нивните имиња не се наведени овде, сепак едно е сигурно – без нив здружението Љубезност не би било тоа што е.

Тони Станковски

Претседател на ЗГ ЉУБЕЗНОСТ

Тони има завршено Бизнис менаџмент, претседател е на ЗГ ЉУБЕЗНОСТ, посветен на хуманитарниот повик уште од самите почетоци како иницијатива. Практикувањето на вистинските вредности на сочувство и помагање, му се вистински двигател секојдневно. Поддршката на бездомните и социјално загрозените му се повеќе отколку само обична работа.

Димитар Илчов

Соработник за финансии и извештаи

Димитар има академско знаење во делот на финансии, искуство во работење во различни сектори и аналитички способности. Тој има практично познавање на проблематиката на сиромаштијата и социјалната исклученост и е мотивиран преку неговиот ангажман во Љубезност да им помогне на луѓето кои се соочуваат со овие животни предизвици, затоа што и тој самиот порано бил еден од нив.

Весна Станковска

Координатор на активности

Весна има завршено педагошки факултет, ги координира активностите во здружението, покажувајќи искрена грижа за колегите и крајните корисници. Нејзиниот оптимистички и охрабрувачки дух, нејзиното сочувствително и разбирливо срце, изразени се на многу начини, особено во нејзиниот ангажман во поддршка на бездомни и социјално загрозени семејства и поединци.

Џејлан Велиу

Правник

Џејлан долго време се бави со активизам, особено насочен кон работнички права и социјална правда. Низ годините била дел од многу иницијативи, движења и различни облици на организираност на граѓаните. Низ активизмот подобро се запознава со животот на бездомните лица и социјално загрозените категории, со кои воспоставува врска на основа на емпатија и солидарност. Верува во вредностите како што се, еднаквоста, рамноправноста, другарството, заедничарењето и колективизмот, поаѓајки од тоа дека подобар свет е можен и неопходен.

Жана Ѓорѓиевска

Окупационен терапевт

Жана е дипломиран социолог и магистар по менаџмент на човечки ресурси. Во рамки на здружението, таа активно работи на поддршка при вработување на ранливи категории граѓани, помагајќи им да ги развијат своите вештини и да се интегрираат на пазарот на труд. Со својот аналитички пристап и разбирање на општествените процеси, придонесува кон креирање можности за одржлива социјална инклузија. Нејзината посветеност и емпатија се клучни во работата со корисниците кои се соочуваат со социјални и економски предизвици.

Филип Христов

Социјален работник

Филип е дипломиран социјален работник, со силна посветеност кон поддршка на ранливите категории граѓани. Преку своето знаење и практично искуство, активно придонесува во идентификување на потребите на корисниците и обезбедување соодветна помош. Неговата емпатија, трпение и искрена желба да помогне го прават важен дел од тимот на Љубезност.

Ивана Точева

Психолог

Ивана е дипломиран психолог и магистрант по психологија, со интерес и посветеност кон менталното здравје и благосостојбата на поединците. Таа активно придонесува во обезбедување психолошка поддршка на корисниците, особено на оние кои се соочуваат со тешки животни околности. Нејзиниот пристап е внимателен, разбирачки и насочен кон градење доверба.

Игор Богатиноски

Соработник за поправки и санации

Игор е задолжен за техничка поддршка, поправки и санации, обезбедувајќи подобри услови за живот на корисниците. Со својата практичност, посветеност и подготвеност да помогне, директно придонесува кон подобрување на секојдневието на лицата во социјален ризик. Неговата работа често значи создавање безбедна и функционална средина за оние на кои тоа најмногу им е потребно.

Елена Божиновска

Соработник за видливост

Елена е дипломиран и магистриран економист, која претходно ја извршуваше улогата на координатор на Центарот за социјална инклузија „Дренак“, а денес е задолжена за видливоста на организацијата на социјалните мрежи. Преку своето искуство, таа успешно ги организираше и спроведуваше активности насочени кон поддршка и интеграција на ранливите категории граѓани. Во својата тековна улога, посветено работи на приближување на мисијата на здружението до пошироката јавност, со цел подигнување на свеста и поттикнување на поемпатичен и похуман однос кон бездомните лица и социјално загрозените групи.