👉Изминативе неколку недели повикувавме за донации и подарувавме училишен прибор. Разменувавме ранец за насмевка, комплет боички за прегратка, шарени тетратки за рецитација на песничка. Да знаете дека ова се акциите што најмногу ги сакаме, срцата ни се смеат и ни танцуваат заедно со сите деца, се радуваме што може да поделиме малку среќа и да ги поддржиме семејствата со „броени пари“ во месецот.
❤ Сакаме да споделиме со вас зошто е важно да бидете солидарни и да ве упатиме зад она што не можете да го видите, во тајните на сиромаштијата која никогаш не е за пред народ, туку се трпи и носи во тишина, како проклетство, како наказа, како казна.
Минатата недела се дружевме и со четирите деца од семејството кое пред околу 4 години остана без домаќинот. Ненадејно, од срцев удар, умира човекот кој е носител на приходот во семејството, оној чиј занет им овозможувал да живеат пристојно, да не се страдни за ништо. Останува платата на мајката, онаа некаде околу минималната, недоправената куќа, двете девојчиња во првите одделенија на основното училиште и двете момчиња близу до крајот на основното. Пријателите, соседите, роднините помагале колку можеле, најмногу првата година, и толку. Си останале самите да се снаоѓаат.
Децата сега се пораснати, повеќе знаат и разбираат, ја чувствуваат тагата посилно и се обидуваат да не покажат дека им е тешко. Ама погледите ги издаваат. Се наоѓаат во период кога ги градат социјалните релации во средината и кога се на постојана мета на прашања и осуди од врсниците. Знаете, тоа е периодот кога сакаш да имаш, да се покажеш, да бидеш во „екипата“ со другарите. А се нема.
Мајката е направена коски и кожа. Трча насекаде за да успее да им даде се. Да не се двојат од другите, да не осетат отсуство на таткото. Вели „Не се жалам, добро е , ама не стига. Сакам да направам да имаат се како кога беше татко им жив, ама не можам да постигнам, тоа ме мачи. “
Се изгушкавме кога се видовме некни. Децата ги одликува скромност. Ги гледаме дека им е незгодно да примаат донации, да живеат „со подадено“, ама во исто време имаат еден сјај во очите кој ги открива дека им е убаво што добиваат неопходни работи и ќе имаат и тие, како сите. Се мешаат гордоста и благодарноста.
А нам не болат зборовите на мајката која ни шепнува додека глуми насмевка. „Сите не заборавија после првата година, само вие ни останавте. Фала ви“.
Драги пријатели, во оваа прилика сакаме да ви кажеме ВИ БЛАГОДАРИМЕ што излеговте во пресрет и бевте дел од овие акции.