За првпат по долго време „светна“ во домот на Сабри

26 Сеп 2025 | Останати редовни активности, Поддршка на семејства, Соработки

💡За првпат по долго време „светна“ во домот на Сабри. Тој живее со татко му. Кога дојдовме стариот си седеше во малото сопче, во полумрак, во тишина. Светлината влегува низ прозорците со жолто перде и му го прави пиењето кафе лезетско.
Ја загледуваме куќата. Стара, едвам приправена, наместа потпукната, доволно да влегуваат и топлото и ладното. Нема фасада, нема дограма која добро дихтува, а доаѓа зима. Не ја бива инсталацијата и останати се без осветлување.
Многу ни се израдуваа и двајцата. Стариот со живост во гласот ни го покажува аголот каде стои малата ламба од која доаѓа единствената светлина кога замрачува, колку да може да се движат низ дома. Вели дека сака да не помогне, ама не може. Гледаме дека тешкиот живот си го земал данокот. И Сабри се туфка околу нас. Мака му е што не може повеќе да направи. Со скриен протест во гласот, како да е лут сам на себе, објаснува колкава мака е да се тераат обврски во тие услови. А не е еден ден. Секоја обврска, секој оброк, секој ден – борба.
🔌 Ни кажуваат дека светлото не единствениот проблем. Ниту водата не е во домот, туку ете таму, во дворот, на десетина метри. Се погледнавме и се фативме за работа. За неколку часа „светна“ во домот. Блеснаа штедливите сијалици на неколку места. Се помачивме малку со нова водоводна инсталација, но ја донесовме и водата до надворешниот ѕид на куќата и поставивме чешма.
Не секогаш зборовите можат да ги пренесат емоциите кои ги сведочиме во таквите моменти. Двајца возрасни мажи кои се гледаат со неверување и со насолзени очи. Син кој му ја мие раката на таткото со милост. Живот кој добива смисла.
Малку е чудно во 21 век да се радуваме на една чешма и неколку сијалици, но многу е тажно што има многу наши сограѓани за кои ваквиот живот е секојдневие. Овие објави се токму затоа, да ги поддржите луѓето и заедно со нас да бараме од носителите на политики да не ги забораваат.
Им благодариме на РРЦ – Ромски Ресурсен Центар | RRC – Roma Resource Center нашата партнерска организација.
Реализацијата на активностите е овозможена со финансиска поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во РСМ, преку проектот #ComHome.