Бруно живее во Прилеп. Туку е меѓу нас, ама за институциите — не постои. Замисли, дише, чекори, се смее, се плаши… а за државата е никој. Личност-фантом, така го викаа. Ни документ, ни број, ни име по книга. Ништо. Како да не е човек. Без можност да се вработи, без здравствено, без социјално, без пристап до болница, ни аптека… само молк од сите страни.

Ама ние не го оставивме. Не гледавме во документ – гледавме во очите. И таму видовме живот, достоинство, болка… и надеж. Со проектот ComHome, решивме дека ќе направиме сè што треба — па и повеќе — само за да му го вратиме името што му припаѓа.Тргнавме, тивко, со верба. Првата порта — затворена. Втората — уште потешка. Бруно не беше ни запишан во евиденција, го немаше никаде. Како да зборувавме за сенка.

Ама не се откажавме.Го фативме правецот за Скопје, право до центрите што треба да ги внесуваат луѓето во системот. Седнавме, разговаравме, убедувавме. И кога видовме мал знак на прифаќање — веднаш се фативме за работа.

Следниот чекор беше МВР Прилеп. Тие ни дадоа упатства: што треба, како треба, кога.И Бруно… не се двоумеше. Со помош, обезбедивме нотaрски акт — тоа беше клучот да може да се запише на адресата каде што навистина живее. Тоа беше првиот камен кој го поместивме од неговиот товар.После тоа – извод од матичната книга на родени. Да, да… документ што за многумина е само хартија, а за него — живот. Тоа беше условот за лична карта. И кога конечно дојде повикот:

„Имате термин за сликање!“ — срцето му заигра. Не од суета. Од победа.

Го сликаа. И потоа чекавме. Секој ден со прашање:

„Ќе стигне ли денес?“

И кога конечно стигна — лична карта, со неговото име, со слика, со број… со потврда дека постои — Бруно плачеше. Да, вистински. Не од тага. Од ослободување. Од чувство дека конечно и него некој го препознава како човек.

А тука не застанавме. Веднаш пополнивме документи за здравствено осигурување. Конечно и Бруно може да оди на лекар како секој друг. Да каже „ме боли“ и некој да го сослуша. Да добие терапија, не само тишина.Го поминавме со него секој чекор. Патот не беше лесен, ниту краток. Ќути, трпиш, се надевaш, па пак почнуваш од почеток.Ама сега? Сега Бруно постои. Не е фантом, не е сенка. Човек е. Граѓанин. Со име, со документ, со глас.И тоа е најголемата победа – кога од ништо ќе направиш нешто. Кога од невидлив – станеш видлив. Кога државата конечно те признава.И знаеш што рече Бруно, кога ја виде личната карта?

„Првпат во животот чувствувам дека сум тука… со причина.“

А ние само кимнавме… и со насолзени очи, знаевме — се исплатеше. Сè.

Им благодариме на РРЦ – Ромски Ресурсен Центар | RRC – Roma Resource Center, нашата партнерска организација.
Реализацијата на активностите е овозможена со финансиска поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во РСМ, преку проектот #ComHome.