Приказната за Емануела и нејзиното семејство

8 Окт 2025 | Вдомување, Доставени донации, Останати редовни активности

Во срцето на Скопје каде улиците пулсираат со живот, Емануела пораснала како второ дете во своето семејство со соништа поголеми од тесните ѕидови на нејзиниот дом. Но, пред една деценија, животот ја носи во Тетово каде судбината ја спојува со Алберт, нејзиниот сегашен сопруг. Двајцата млади и полни со надеж се заколнале на вечна љубов. Таа има само 20 години, а тој 25. Заедно добиле три деца, три мали сонца што требало да го осветлат нивниот пат. Но, наместо светлина, нивниот живот се обвил во темнина. Алберт, човек со груби дланки, но срце полно со грижи од својата десетта година собира старо железо и работи како аргат. Растен во сиромаштија без можност за образование, тој се борел со секој нов ден. Емануела пак со својата нежна душа, се обидува да го одржи семејството заедно иако живееле во мала куќичка без вода и канализација во сопственост на родителите на Алберт. Двете соби во малата куќа биле нивниот свет, тесен и задушлив, но барем бил нивен сè додека не дошол ден кога биле протерани. „Многубројно семејство не може да живее вака“, им рекле ладно. Несогласувањата околу трошоците биле само изговор. Емануела и Алберт со трите деца во раце остануваат без покрив над главата, без надеж и излез. Судбината се поигрува уште еднаш- Алберт останал без работа. Тоа била последната капка во чашата на нивните страдања, преполна со болка и очај.

Сместени привремено кај роднини, нивниот живот станал пекол. Во стан без струја каде живееле заедно со уште шест души, секој ден бил борба за опстанок. Децата со боси нозе и гладни стомачиња, без услови за бањање, ниту да одат на училиште. „Нема поголема болка“,кажува мајката додека молела кај соседите за една супа и нешто топло што ќе ги нахрани нејзините мали ангели. „Нема поголем срам од тоа да молиш за леб“- вели со глас скршен од тага. Алберт секој ден излегувал на улица барајќи било каква работа за било каква дневница. „Само да имам за леб за моите деца“ зборувал додека чекорел по калливите улици во Тетово. И тогаш на крајот од една уличка, во темнината на безнадежноста се појавува тимот на СОНЦЕ. „Вие и Господ сте мојата единствена надеж“, им рекол Алберт. „Не знам од каде да почнам. Децата ми се гладни, боси, неизбањати. Зима доаѓа, а ние немаме каде да се засолниме. Дали може да помогнете.“ Неговиот глас бил крик на очајна душа, а зборовите удираат право во срцата на теренските
работници.

Тимот на Сонце не губел време. За само една недела, пронашле стан за семејството. Направиле договор да покријат дел од киријата за следните три месеци преку КомХоум проектот, давајќи им на Емануела и Алберт простор да здивнат. Пријатели и познаници се собрале, донирале покуќнина и основни работи за празниот дом- кревети, маса, садови, сè што било потребно за нов почеток. Но, предизвиците не завршиле тука.

Емануела, исплашена и недоверлива не сакала да го пушти најстариот син во прво одделение. „Како ќе оди на училиште кога немаме ни за леб ни за облека?“. Но, тимот на Сонце не се откажува. Со трпение, на повеќе средби со внимателност и топли зборови ја увериле дека образованието е иднината на нејзиното дете. Овој септември детето било запишано и веќе оди на училиште. Ранец, тетратки, моливи, облека- сè било обезбедено. Тимот на СОНЦЕ помага и со документација. извадиле извод на венчани потребен за аплицирање за детски додаток и образовен додаток кој ќе послужат за потребите на малите дечиња. Приказната за Емануела и Алберт не е бајка со среќен крај, но е приказна за борба, за солзи што се претвораат во надеж. Нивната животна приказна е потсетник дека дури и во најтешките моменти, човечноста може да направи чуда.