Што значи да си граѓанин, кои права ги имаш, а кои обврски треба да ги исполниш?
Во Центарот за социјална инклузија Дренак одржавме работилница со корисниците на нашите правни и социјални услуги посветена на теми кои се од особено значење за процесот на нивното осамостојување и самостојно снаоѓање пред институциите.
Работилницата ја водеа правничката Џејлан и социјалниот работник Филип, кои со учесниците разговараа за нивните права и обврски, но и за практичните чекори кои можат да ги преземат при остварувањето на своите права пред различни институции. Посебно разговаравме за институциите со кои граѓаните најчесто имаат потреба да комуницираат како што се Центрите за социјална работа, Управата за водење на матичните книги, образовните институции, Министерството за внатрешни работи како и други институции.
Меѓу темите на кои обрнавме најголемо внимание беа граѓанската регистрација на лицата, стекнувањето со лична документација, остварувањето на социјалните права, вклучувањето во образовниот процес, правата и обврските при комуникација и постапување пред институциите и начините на кои корисниците можат полесно и посамостојно да ги остваруваат своите права.
🎓 Образованието како важен чекор кон поголема самостојност. Посебно внимание посветивме и на важноста од навремениот упис и редовното вклучување во образовниот процес на децата на училишна возраст како и на значењето на задолжителното и понатамошното образование. Образованието не е само обврска- тоа е можност за стекнување знаења, вештини и квалификации кои можат да отворат повеќе врати во иднина. Затоа е важно децата и младите навремено да се запишат во образовниот процес, редовно да го посетуваат и кога имаат можност да продолжат со понатамошно образование и стручно усовршување.
Преку разговор, практични примери и споделување искуства, целта на работилницата беше учесниците да добијат корисни информации кои ќе им помогнат полесно да се снаоѓаат во секојдневниот живот и во контактот со институциите. Ваквите активности во Центарот за социјална инклузија Дренак се важен дел од нашата поддршка кон корисниците- да ги познаваат своите права, да ги разбираат своите обврски и да стекнат поголема самодоверба и самостојност во нивното остварување.
#ГраѓанскиПрава #СоцијалниПрава #ГраѓанскиОбврски #Информираност #ЧовековиПрава #Образование #СоцијалнаИнклузија #Поддршка #ЗаедноМожеме
