Работилница “Заеднички дом – заедничка одговорност”

22 Сеп 2026 | Останати редовни активности, Поддршка на семејства

🏠 ЗАЕДНИЧКИ ДОМ – ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ

Денес, во Центарот за социјална инклузија „Дренак“, реализиравме работилница посветена на нешто што е исто толку важно колку и обезбедувањето кров над глава – како од просторот во кој живееме да изградиме вистински дом.

На работилницата учествуваа 9 лица со искуство на бездомништво. Шест од нив се лица за кои „Љубезност“ обезбедува сместување и ја покрива закупнината, двајца се корисници кои ги поддржуваме со храна, а со еден учесник се запознавме токму на оваа средба, откако беше поканет од еден од нашите корисници.

Со нас беше и Зоран Мартиновски, самостоен стручен работник во Старателство при ЈУМЦСР Скопје, кој активно се вклучи во работилницата и во разговорот со учесниците.

Разговаравме за хигиената и грижата за заедничкиот простор, почитувањето на приватноста и соседите, одговорното користење на струјата и водата, конфликтите и нивното мирно решавање, како и за тоа дека поддршката секогаш треба да оди заедно со личната одговорност.

Но најважниот дел не беше само она што го кажавме ние.

Учесниците активно одговараа на прашања, учествуваа во вежбите, го анализираа мотивационото видео и отворено го кажуваа своето мислење. Преку индивидуалната работа секој имаше можност да се насочи кон себе – кон сопствените навики, реакции и однесувања – и да размисли што лично може да промени за подобар живот и подобро функционирање со другите.

Промената не секогаш започнува со голем чекор. Понекогаш започнува со едноставна одлука: „Што можам јас да направам подобро од утре?“

❤️ Ние можеме да помогнеме некој да има куќа. Но домот се гради заедно – со почит, ред, одговорност и меѓусебна поддршка.