Староста носи различни предизвици. Пензиичката не стигнува за се, па полека, полека во домот се дотрајува, се крши, се распаѓа. Не е веќе лесно ни да се качуваш на скалата или сам да си правиш поправки низ дома. А кого да викнеш, за без пари? Познато ви е, нели?
Така е и во домот на Будимка и Веле. Двајцата на возраст од околу 90 години, си живеат сами, се крепат колку можат и прифаќаат се што им носи животот. Ние ги знаеме од поодамна, сме ги посетувале, сме однеле што сме можеле, сме чепнале во штекерите и инсталацијата, сме си помуабетиле и сме си отишле.
Пред некое време разбравме дека седат во темно. Се случил спој, изгорел осигурач, мал дефект што направил голема беља. Некои од сијалиците биле прегорени и претходно. Не побарале помош, дали од срам или од друго не знаеме, ама сијалиците не светеле 2-3 месеци, а тие се снаоѓале.
Не дочекаа и не испратија насмеани, како домашни, како свои.
Со мала интервенција им ги разубавевме животите. Важно е да се има некој кому може да му се обратиш во тешко, кога немаш или кога не можеш сам. Се надеваме дека ќе инспирираме локалните самоуправи да организираат ваков тип на поддршка за лица кои се во социјален ризик. До тогаш бидете солидарни и помогнете некому ако можете.



