Не е лесно да се биде тинејџер во семејство кое се гуши во сиромаштија и постојано е на линијата да биде бездомно. „Голем е веќе, се срами, ама има некоја своја амбиција, да успее. Сака да затвори врата, да биде малку сам, знаеш како е, годините му се. Ова па малово залепено за него. Глеј го, отиде кај мајсторот, се сака да види, да знае.“ ни кажува мајката, додека во позадина
се слушаат звуците од поправките. Отидовме кај нив да има помогнеме „малку од малку“ да им биде поудобно живеењето. За поправки не остануваат пари, нема доволно ни за другото.
Живеат под кирија во дел од куќа со 3 мали соби, се е старо и речиси нефункционално. Дуваат прозорците кои никогаш не биле добро закрпени откако газдата ги сменил, вратите дома се дрвени и искривени од влага и старост, некои висат само на една шарка, некои веќе воопшто не ги собира во
касата и немаат функција. Лустерот некогаш бил убав, плафоњерката некогаш била функционална, а сите сијалици светеле. Денес не е така. Мебелот се распаѓа, први попуштиле фиоките, по нив вратичките, па рачките, па фурнирот. Тоалетот е со ѕидови црни од влага. Креветите се сосема попуштени и неудобни. Ама добро е и тоа што го имаат, зашто често едвам успеваат да се снајдат да платат кирија, некогаш им помага некој, некогаш газдата ги почекува,
ама мислата дека следниот месец може да немаат каде им е постојано тука. Семејството има 5 малолетни деца. Сите најадени, чисти, воспитани и културни. Четирите одат на училиште, малото поттрчнува околу нив. Едното дете има здравствени проблеми. Мајката е оперирана „од женски болести“ и со хронични воспаленија кои бараат лекови, таткото е со полуфункционален р’бет и изместени пршлени кои секојдневно болат.
И така, едно по едно, се од ова го дефинира животот на тинејџерот. Пуста сиромаштија не му дава „да пркне“ и „да биде како другите“. Го вкалапува во тесно и не му дава можности. А сака многу. Сонува за повеќе. Се труди максимално.
Им благодариме на Roma Democratic Development Association Sonce нашата партнерска организација.
Реализацијата на активностите е овозможена со финансиска поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во РСМ, преку проектот #ComHome.

