Подготовката за успешен живот по отпуст започнува уште во КПУ

1 Окт 2026 | Останати редовни активности, Соработки

На 22.09.2026 година, претставници на ЗГ „Љубезност“ учествуваа на работна средба во КПУ Идризово, организирана со директорот Зоран Јовановски, Секторот за ресоцијализација и претставници на граѓански организации. Средбата беше можност за отворен разговор за приоритетните потреби, можностите за соработка и заеднички проектни активности насочени кон подобра ресоцијализација и реинтеграција на лицата кои издржуваат казна.

 

Од „Љубезност“ го истакнавме значењето на тоа работниот ангажман во КПУ да не биде само обврска за време на издржувањето на казната, туку подготовка за реалниот живот по отпуст. Надвор е многу потешко успешно да се продолжи без претходно стекнати работни и животни вештини, навики, самостојност и конкретна професионална подготовка. Затоа е важно уште во КПУ да се работи на практични вештини, CV и интервју, финансиска писменост, документи, домување и контакт со работодавачи и ментори.

 

Лицата кои излегуваат без работа, приходи, поддршка и безбедно место за живеење се изложени на многу поголем ризик од социјална исклученост, нестабилно домување, па и бездомништво. Во такви услови полесно може повторно да се појават деструктивни модели на однесување и да се зголеми ризикот од повторно враќање во казнено-поправниот систем. Затоа успешната реинтеграција мора да започне пред отпустот и да продолжи и по излегувањето, преку координирана поддршка за работа, домување, документи, менторство и повторно вклучување во заедницата.