Работилници во Центарот Дренак

2 Сеп 2026 | Останати редовни активности, Поддршка на семејства

Заедно чекориме кон нови можности!

 

Продолжуваме да ги поддржуваме нашите корисници во градењето на вештини, самодоверба и самостојност затоа што секој чекор напред е чекор кон нова можност. На 23 јули 2026 година во Центарот за социјална инклузија Дренак реализиравме две поврзани работилници насочени кон подготовка на нашите корисници за вработување и стекнување поголема самодоверба.

 

📍Првата работилница на тема „Подготовка за интервју за работа” ја реализираше окупациониот терапевт Жана. Учесниците имаа можност да научат како да се подготват за интервју за работа- од подготовка на кратка биографија до начинот на кој се претставуваат, комуницираат и оставаат добар прв впечаток.

 

Преку разговор, примери и практични совети разговаравме за претставување на сопствените знаења, способности и претходно искуство, важноста на уредно и јасно CV, соодветно однесување и комуникација за време на интервју, најчести прашања од работодавачите, прифаќање на одбивањето како можност за ново искуство и учење.

 

🧠 Втората работилница беше психолошка работилница која ја реализираше психологот во Центарот „Дренак“, Ивана. Преку гешталт вежбата „Еден чекор кон интервјуто“, учесниците имаа можност да размислат за своите силни страни, очекувања и предизвици поврзани со интервјуто за работа, како и да работат на зголемување на сопствената самодоверба. Посебен дел од работилницата беше и симулацијата на интервју за работа. Преку практична вежба, учесниците имаа можност да ја подобрат својата комуникација, да го вежбаат начинот на претставување и да се подготват за прашања и ситуации со кои би можеле да се соочат на вистинско интервју.

 

Целта на двете работилници беше учесниците да стекнат поголема самодоверба, подобри комуникациски вештини и практични знаења кои ќе им помогнат посигурно да го направат својот следен чекор кон вработување.

 

Веруваме дека секој човек има способности, знаења и потенцијал кои можат да бидат вредни на пазарот на трудот. Понекогаш е потребно само малку поддршка, охрабрување и подготовка за да се направи тој важен чекор.

 

#ПодготовкаЗаРабота #ИнтервјуЗаРабота #Вработување #НовиМожности #СоцијалнаИнклузија #Дренак #ОкупационаТерапија #ПсихолошкаРаботилница ##Самодоверба #Поддршка #ЗаедноМожеме