Секогаш е убаво кога ќе те пречакаат како свој, оние на кои си им помогнал. Ќе ти кажат дека си им го сменил животот, дека тргнала работата, дека се средиле. Се видовме со Сендита пред некое време. Кај нив помогнавме водата од дворот да влезе во домот. Прашуваме што има ново, вели „Ела, дојди да видиш, направивме купатило, има туш, да се избањаме како луѓе. Знаеш колку беше тешко порано, со мали деца, со свеќа, со канти.“ Ѕиркам. Нов бојлер. Се смешкам. Викам „Опааа, имате за частење, нов бојлер. Како се снајдовте за него?“ И ете ги зборовите како нож. „Знаеш дека цело лето работиме како аргати со мажот. Што ќе земеме, правиме план и полека, полека. Ќе собереме малку пари, па одам кај еден роднина, го молам да ми помогне, немам одеднаш, да ме чека секој месец, по малку. И така, купивме бојлер, и за во кујната едни плочи, каде што беше влага, да се покрие. Ми дадоа и стари ствари и сега и дома ми е добро. Што да правиме, се снаоѓаме, ама добро е. Зима нема многу работа, ама ако не викне некој одиме.“

 

Месецов почнува во знакот на работничките права и борбата за достоинствен живот. Луѓето соочени со сиромаштија немаат многу избор. Иако се етикетирани како мрзеливи, најчесто работат што можат, или што ќе најдат, без никакви права и без никаква безбедност. Тие не се вработени, но работат многу, за да преживеат и да си го одржат семејство. Тоа им го јаде здравјето и уште повеќе ги држи на дното. Ваквите мали успеси, дури и најмала поддршка, ги охрабрува да веруваат дека има подобар живот и за нив, или барем за нивните деца. Наше е да им ја одржиме надежта и да ги натераме институциите да бидат пофункционални.

 

Им благодариме на РРЦ – Ромски Ресурсен Центар | RRC – Roma Resource Center нашата партнерска организација. Реализацијата на активностите е овозможена со финансиска поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во РСМ, преку проектот #ComHome.