Поддршка и поправка на дом на семејство

21 Мај 2026 | Останати редовни активности, Поддршка на семејства, Соработки

Вообичаено информациите за потребата од ситни поправки кај најранливите семејства ни доаѓа преку некого. Некој соработник, некој кому веќе сме му помогнале, организација која работи на терен, а луѓето на кои најмногу им треба скоро никогаш не бараат за себе.

 

Така беше и овој пат. Семејството кај кое влеговме со години има релација со РРЦ – Ромски Ресурсен Центар | RRC – Roma Resource Center, нашата партнерска организација. Низ годините им помогнале и со храна, и со документи и за децата.

 

Само за куќичето не се нашло чаре. А тоа, едвам стои, прикрпено од што се нашло, изѕидано како се знаело, покриено колку да има некаков покрив, дува од секаде. Дивоградба, во неурбанизиран дел на градот, наследена од претходната генерација. Ама па ако го нема и него, ќе треба на улица да останат, бездомни.

 

Се мислевме и размислувавме што да се прави. Да се урне горниот дел и да се стави вистински покрив требаат многу пари, ние немаме. Да се бара помош од фирми да се изгради како што треба, местото не е легализирано. Да им се каже дека ништо не може да се направи, гревота е, живи души. Пур пена. Пополнивме се што зјаеше, сите дупки помеѓу картоните и лимовите, помеѓу даските и ѕидовите, секое дупче и мало просторче. Нешто заковавме, нешто залепивме, нешто заштрафивме и оп, се сети разлика, како викаат старите „како кутиче“ се затвори сопчето. Ќе беше подобро „вистински да се реновира“, за ефектот да биде целосен, но тоа е што е, секако е подобро од порано. Чепнавме малку и во електричната инсталација, светнаа нови сијалици на неколку места. Им светнаа и очињата на дечињата, радосни дека имаа гости и дека веќе не им дува.

 

Среќа затоплува деновиве, но којзнае како ќе биде кога ќе вжешти летоска. Козјнае дали тие што се одговорни и што треба најмногу да направат ќе се одважат некако да помогнат.

 

Реализацијата на активностите е овозможена со финансиска поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во РСМ, преку проектот #ComHome.